Кривична пријава за осум службени лица поради злоупотреба за службената положба

Кривична пријава за осум службени лица поради злоупотреба за службената положба

Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по пријавата  оформи предмет и поведе постапка против 8 службени лица поради основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во текот на предистражната постапка која Управата за финансиска полиција ја водеше во координација и под раководство на   надлежниот јавен обвинител, се обезбедија докази дека во временскиот период 26.01-12.07.2022 година, првиот осомничен како службено лице – директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони во Скопје, заедно со три службени лица задолжени за спроведување на управната контрола при Бирото за јавни набавки и уште четири лица од Државната комисија за жалби по јавни набавки, со неизвршување на нивната службена положба, му овозможиле на едно правно лице да прибави противправна имотна корист која надминува значителна вредност од 622.981.190 денари.

Првиот осомничен, по претходно донесена одлука, објавил оглас за јавна набавка за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица.

Трите лица од Бирото за јавни набавки – Комисијата за вршење на управна контрола, не ја извршиле својата службена должност за контрола за исполнетоста на условите од тендерската документација по однос на техничката и професионална способност за изведување на предвидените работи, како и по однос на рокот на изведба на работите како критериум за квалитет.

Вториот учесник во постапката поднел жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки, но таму претседателот и три члена го игнорирале доставениот стручен наод и мислење од вешто лице од областа на градежништвото кој бил основа за жалбените наводи, па донеле решение со кое жалбата на другиот економски оператор ја одбиле поради неоснованост. На тој начин Дирекцијата склучила договор со избраната фирма за изградба на основна внатрешна инфраструктура за ТИРЗ Штип и ТИРЗ Струмица со рок на изведба од 120 календарски дена од моментот на воведување во работа. Освен ова, по предлог на јавниот обвинител, Судот му го одзеде пасошот на осомничениот кој во моментот на сторување на делото ја извршувал функцијата директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Скопје.

Лаура Стојанова, М-Нет