
Ѓубре, ѓубре и само ѓубре. Секојдневната слика за повеќе локации во Општина Штип. Тоа ги наведе и штипјани да не повикаат за уште еднаш и на уште една локација да ја видиме грдата слика од отпадоци на сите страни. Овој пат во населбата Света Недела, во близина на Мирјанина црква.
Желбата да останат анонимни пред камера, не ја изостави потребата да ни се обратат и ни ја прикажат својата состојба. Впрочем овде нема поставено контејнери за ѓубре, па истото завршува покрај патот. Граѓаните велат дека и да сакаат да бидат дисциплинирани и да не создаваат депонии на места кои не се за таа намена, маката ги натерала па ѓубрето завршило овде. Надлежните ретко кога доаѓаат да видат што се случува или пак да преземат некакви активности. За одговор ги побаравме и од Јавното претпријатие „Исар“. Во писмена изјава од тамо соопштија:
„Доколку ѓубрето не завршува на соодветни места нема да дојде до потребата да се зборува на темава за создавање на диви депонии. Но, несовесноста на граѓаните, и прекумерното фрлање на отпадоци, доведува до ваква состојба која самите си ја создаваат. Јавното претпријатие „Исар“ минатата година спроведе акција за расчистување на теренот во тој дел на град Штип, но ете како што сте забележале и самите таканаречената депонија повторно е создадена. И во текот на оваа година, еве во најбрз можен рок ќе организираме повторно акција и населбата ќе биде исчистена од ѓубре.“ – стоеше во нивното соопштение.
Од претпријатието со апел да се крене свеста кај граѓаните и отпадокот да се исфрла на места кои се наменети за таа цел. Така ќе се подобри изгледот на градот а ќе се зачува чиста животната средина.
Лаура Стојанова М-Нет