
Системот е оној кој потфрлил, вели деканката на Правниот факултет при УГД, во случајот со масовното убиство извршено во основното училиште во Белград, Република Србија, од страна на 13-годишно момче. Таа смета дека превентивна мерка би било ангажирањето во спортски активности за енергијата да се искористи на правилен начин, а посочува и на соодветна превентивна и правилна политика со децата кои се во судир со законот или се во ризик.
„Значи, системот е тој којшто потфрилил и не препознал навреме дека постои булинг. Настаните укажуваат дека треба да се размислува на креирање и зацврстување на правилни вредности кај младите, но и преземање мерки коишто би го превенирале тоа. Во прв чекор, вработување на повеќе педагози и психолози во стручните служби во училиштата, коишто, реално, би имале шанса да работат со децата, да имаат можност од прво до деветто одделение да работат и разговараат со секое дете, поединечно со секое дете во школото и да имаат некаков предвид за нивната анксиозност, односно дали нивното однесување е проблематично или, пак, манифестираат натпреварувачки дух или слично“, вели Кошевалиска.
Кошевалиска децидно вели дека не е поддржувач на идејата дека границата за кривична одговорност треба да се помести под 14 години, наведувајќи ги како причина и бројните студии во Европа и светот.
„Во САД нема минимална возраст, но на европска територија најмногу се 14 години минимална возраст. Под 14 години нема кривична одговорност, затоа што се смета дека детето нема оформено свест за да може да му се прекори за тоа што го има сторено. Во конкретниот случај во Србија се виде дека детето истражувало на интернет, до кога ќе биде кривично одговорен, заради тоа што го сторило. Меѓутоа, има други начини на коишто тоа би се предвидело“, вели Кошевалиска.
Кошевалиска вели дека минималната возраст за кривична одговорност во земјава е 14 години, а се прифатени и ратификувани бројни меѓународни инструменти, коишто се во контекст на правда за децата.
Ребека Спасова М-Нет