
Кошаркарките на Соколи од Штип одлично ја започнаа 2025 година, откако на првиот меч од пролетниот дел забележаа победа над Бутел во спортската сала „Јордан Мијалков“ со резултат од 87:76.
Целта на штипскиот клуб е влез во кошаркарската елита на Македонија и засега оди одлично според планот. Веќе овој викенд ќе се одиграат натпреварите од 13. коло, каде Соколи ќе гостуваат во Прилеп кај екипата на Мега Баскет, во меч каде штипјани ќе бидат фаворит за нов триумф.
Работнички 2018 на домашен терен ќе се соочи со екипата на Водно Санс, додека пак дербито на колото ќе се игра во Струга меѓу Црн Дрим и Маџари, две екипи претенденри за влез во Прва лига.
Екипата на Борец Баскет како фаворит на домашен терен ќе се соочи со Струмица, а пак Бутел на домашен терен ќе игра против екипата на МЗТ Скопје. Ланскиот прволигаш Охрид на домашен терен ќе има претежок меч против фаворитот и лидер Ангели.
Во однос на табелата екипата на Ангели е прва со 22 бодови, а толку има и Соколи од Штип кој е втор. На третото место е Маџари со 21 бод, Борец Баскет е четврти со 20 бодови, а толку има и Црн Дрим кој е петти.
Александар Ванев, М-Нет