
Кошаркарите на Соколи ја продолжуваат победничката серија во Втората лига, откако штипјани со 63:77 беа подобри од Академија ФМП во Струмица, доволно за шестата победа на штипјани во седум одиграни натпревари.
Борец Баскет дома го доби Бутел со 79:68 и со тоа велешани кои се втори имаат ист број на бодови како и Соколи, со тоа што штипјани се први.
Ланскиот прволигаш Охрид влезе во победничка серија откако до ново славје дојде на домашен терен против Работнички со 86:63, а пак Црн Дрим загуби на гостувањето од Мега Баскет што беше изненадување со 83:79.
Маџари на домашен терен однесе највисока победа откако кошаркарите постигнаа троцифрен број на погодоци за 121:92, а на висока победа се радуваше и тимот на Ангели откако славеше со 97:50 против МЗТ Скопје.
Во однос на табелата штипски Соколи е на врвот со 13 бодови, колку што има велешки Борец Баскет кој е втор. На третото место е Ангели со 12 бодови, а толку има и Црн Дрим кој е место подолу.
По 11 бодови имаа Маџари, Охрид и Мега Баскет, а Бутел со 10 бодови е осми, колку што има МЗТ Скопје кој е место подолу. Работнички и Водно Санс имаат по осум бодови, а на дното е Академија ФМП со седум бодови.
Александар Ванев, М-Нет