Кошаркарите на Овче Поле поразени од Охрид во Свети Николе, Борец Баскет убедлив, висока победа за Гостивар со постигнати 134 поени

Стартуваше новата сезона во Првата кошаркарска лига на Македонија со мечевите од првото коло на групата А и групата Б.

Во рамки на групата А Борец Баскет славеше висока победа од 88:74 над Ангели, висок триумф имаше и Водно Санс кој со 81:101 беше пресилен за ИБА Скопје.

Голем триумф забележа и Феникс кој со резултат од 100 наспротив 83 славеше над Мега Баскет, а гостинска победа забележа Црн Дрим од 76:87 над Младинец.

Во групата Б ланскиот суперлигаш Гостивар со 134:59 го декласираше Тетекс во салата „Младост“, а воедно тоа беше и најубедливата победа во првото коло.

Во Свети Николе силите ги одмерија Овче Поле и Охрид, во натпревар каде само четири поени беше разликата, охриѓани беа подобри со 62:66. Висок триумф имаше Вардар над новиот прволигаш Гевгелија со 75:91 во гости.

Во првото коло до групата Б слободна беше екипата на Бутел.

Викендот продолжуваат возбудувањата со средбите од втората рунда.

Александар Ванев, М-Нет