Кочанчани ќе плаќаат 40 проценти повисок данок на имот

Кочани го зголеми данокот на имот за 40 проценти, откако Советот на Општината ја усвои измената на Одлуката за утврдување на висината на стапките на данокот на имот.

Одлуката беше донесена со 12 гласа „за“ и 7 „против“. Поддршка дадоа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, двајцата независни советници од листата „Сакам живот во Кочани“ и советникот Аки Акиов.

Според образложението на локалната самоуправа, станува збор за усогласување на даночните стапки, а граѓаните кои сметаат дека данокот неправедно им е пресметан имаат право да поднесат приговор. Воедно, беше посочено дека мерката е донесена со цел да се подобри финансиското функционирање на општината.

Одлуката предизвика различни ставови меѓу советниците. Дел од нив сметаат дека зголемувањето е неопходно за стабилизирање на општинските финансии, додека други оценија дека во услови на економски предизвици приоритет треба да биде подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, а не зголемувањето на даночните обврски.

Според направените пресметки, семејство кое досега плаќало околу 1.500 денари годишен данок на имот, по новата одлука ќе плаќа околу 2.100 денари, односно приближно 600 денари повеќе годишно или околу 50 денари повеќе месечно.

Дајана Сандева, М-Нет