
Наместо нови 60 вработувања во кочанската фабрика „Пејпар мил“, и сегашните 120 работници добија известување од денеска да не одат на работа. Бугарскиот сопственик на оваа фабрика ја затвори истата, по последните мерења кои беа направени на 30 декември минатата година, и резултатите покажаа дека фабриката го надминува дозволеното испуштање на ПМ честички во воздухот од нејзините оџаци. На ова мерење беше констатирано дека треба итно да се постават филтри на оџаците или да се почне работа на плин. Во разговор со директорот на „Пејпар мил“ Јулијан Маринковиќ, дознавме дека фабриката ќе стави клуч на врата, бидејќи не исплатливо е во вакви времиња како реагенс да се користи метан. Истата информација утринава ја потврди и Игор Тасевски одговорно лице во „Пејпар мил“.
-Фабриката е затворена и производствениот процес е целосно запрен, но работниците се уште не се отпуштени од работа. Што ќе биде понатаму чекаме одговор од бугарската страна. Одлуката е донесена вчера, а причината за затворањето е што нема исплатливост за понатамошно работење ако како енергенс се користи метан. Имаме позитивни резултати од две лаборатории за користењето пелети, но тие не ни се прифаќаат, а други лаборатории пак, велат дека работењето не ни е во ред. Инспекторатот ни наложи да работиме на метан, но тоа не се исплаќа поради големата економска криза, истакна Тасевски.
Оваа фабрика беше потенцирана како главен загадувач на воздухот во Кочани. Чадот кој излегуваше од нејзините оџаци, и создаваше непријатна миризба, четири пати по ред ги доведе во ситуација граѓаните на Кочани да протестираат. Минатата година на истава компанија и беше изречена казна од 20 илјади евра и неколку пати по ред наредба да се стават филтри на оџаците.
Лаура Стојанова М-Нет