
По два неуспешни обида за избор на изведувач, Општина Кочани по третпат ја отвори постапката за јавна набавка на работи за реконструкција на дворот на ОУ „Малина Попиванова“.
Од Локалната самоуправа очекуваат понуда од изведувачи кои ќе работат на уредување на училишниот двор од 10 илјади метри квадратни корисна површина за игра, забава и рекреација на децата. На првиот и на вториот оглас се пријави само една фирма, а понудата беше поништена поради што ја надминуваше проценетата вредност.
Доколку третата постапка за јавна набавка биде успешна, она што ќе биде опфатено со уредувањето е изградба на детско игралиште, беседница за настава во природа, амфитеатрално прилагоден терен, патеки, спортско игралиште, забавно-рекреативен простор и игралишта за учениците со посебни образовни потреби.

За имплементација на овој проект за Општина Кочани потпиша договор со УНДП претходеше реализицијата на Форум во заедницата на кој граѓаните го избраа проектот „Изградба на спортско-рекреативен центар во ОУ ‘Малина Попиванова’“.
Се работи за проект за кој Општина Кочани доби средства од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC)..
Постапката за избор на најповолен понудувач ќе се спроведе преку Електронскиот систем за јавни набавки, а ќе заврши со користење на е-аукција, како последна фаза за доделување на договорот за јавна набавка. Критериум за избор на најповолната понуда ќе биде економски најповолната понуда, која ќе се утврди врз основа на цената. Проценетата вредност е 2.700.000 денари без ДДВ.
Крајниот рок за поднесување на понудите е 3 јули, до 11 ч.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА/МНет