
Фудбалерките на Кочани добија службени три бода од мечот со Топ Гол кој го загубија со 2:1 во Битола. По натпреварот од 18. коло на Првата женска фудбалска лига, екипата на Кочани поднесе жалба која комисијата за женски фудбал ја прифати, а тоа значи и службен резултат од 0:3 и службени три бода за Кочани.
Инаку, екипата на Кочани поднела жалба бидејќи домашниот тим играл со фудбалерка која не била истата според фудбалската легитимација, а тоа е причината и поради која овој меч службено го добива Кочани.
Сега екипата на Кочани и седум бодови и изби на деветтото односно претпоследното место кое води кон бараж за опстанок, а пак екипата на Топ Гол се враќа на десеттото место со четири наместо седум бодови, а тоа е позиција која директно води кон испаѓање во Втора лига.
Актуелниот шампион Љуботен е казнет со одземање на девет бодови, а притоа и парично со 750 евра, поради напуштање на натпреварот од 17. коло со АС Јунајтед во Струга, одлука која беше донесена од страна на Дисциплинската комија при ФФМ.
Дополнително, Дисциплинската комисија на ФФМ покренува постапка против претседателот на ЖФК Љуботен, Драгољуб Јовановски, поради повикување на фудбалерките на ЖФК Љуботен да го напуштат натпреварот во рамки на 17. коло помеѓу екипите на ЖФК АС Јунајтед – ЖФК Љуботен.
Тоа значи дека сега Љуботен е дури на четвртото место со 34 бодови, Скопје е лидер кој на своето конто има 51 бод и веќе јасно е оти титулата ќе оди во Пржино. Втор е тимот на Тиверија Брера со 36 бодови, а Истатов е трет со 35 бодови.
Каменица Саса е на петтото емсто со 33 бодови, Ас Јунајтед е шести со 30 бодови. Дебитантот Вардар е седми со 14 бодови, а Речица е осма со 11 бодови.
Во бараж зоната односно претпоследното место е Кочани со седум бодови, а на дното е Топ Гол со четири бодови.
Александар Ванев, М-Нет