Кочани заедно со Речица, Топ Гол и Вардар ќе води битка за опстанок во Првата женска фудбалска лига

ФОТО: Александар Ванев

По десет одиграни кола многу работи во Првата женска фудбалска лига станаа јасни, барем во делот околу тоа кои екипи ќе се борат за опстанок.

Четири екипи се исфилтрирани во таа битка да го обезбедат опстанок, а бодови овие екипи речиси сигурно е дека ќе освојуват само во нивните меѓусебни дуели.

Битка за опстанок ќе водат Кочани, Речица, Топ Гол и Вардар, кои имаат идентична форма.

Дебитантот Вардар е за нијанса подобар, барем има еден бод повеќе од другите односно пет освоени бодови во однос на другите екипи кои имаат четири.

Вардар има еден триумф, две ремија и седум порази, па со тоа собра пет бодови за седма позиција, останатите екипи имаат една победа, едно реми и по осум порази, па имаат четири бодови.

Вардар ја има најлошата гола разлика, тимот има постигнато четири погодоци што е најлошиот напад во лигата, а притоа ја има и најлошата одбрана која прими дури 49 погодоци на овие десет меча или во просек Вардар примаше 4,9 погодоци по меч.

Кочани е втор тим со најлоша гол разлика, фудбалерките на десет меча постигнаа само шест гола за втор најлош напад, а притоа примија дури 45 погодоци, што е втора најлоша одбрана, па така тимот од Кочани кој е повратник во елитата примаше во просек по четири и пол погодоци по меч.

Од овие четири екипи ќе се бара кандидат кој директно ќе испадне во Втората лига, но и кандидат кој би играл бараж за опстанок, а но речиси сигурно е дека ќе успее да се избори за опстанок преку бараж бидејќи квалитетот и интензитетот на натпревари од Првата во однос на Втората лига е драстично голем.

Веќе следното 11. коло го носи дербито од дното меѓу Речица и Кочани, меч кој ќе има капитално значење и за двете екипи кои ќе се соочат за втор сезонски триумф. Топ Гол ќе има невозможна мисија за бодови против апсолутниот фаворит Скопје, меч кој ќе се игра во Пржино, а пак Вардар ќе биде домаќин на Тиверија Брера каде гостинот од Струмица ќе биде голем фаворит.

Александар Ванев, М-Нет