
Голем број граѓани и денеска ги посетија градските гробишта во Штип, се одбележува Митровденската задушница. Ова е ден кој е определен за оние кои се починати, се посетуваат нивните вечни почивалишта и се раздава во нивна чест.
„Светата православа црква водејќи се од светото евангелие и од зборовите на нашиот Господ Исус Христос вели дека сите луѓе се живи пред Бога. Што значи и оние кои се починти сепак се живи пред лицето божјо. Затоа црквата определила денови во годината таканаречени Задушница каде си спомнуваме за покојните.“ – вели Јанев.
Со пченица, вино и свеќа, верниците се молат за нивните блиски починати роднини, пријатели, соседи.
„Оваа Задушница се празнува така што верните треба да донесат на гробиштата или во црквите вино, пченица и свеќи.“ – додава Јанев.
Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите.
Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет