
Познат норвешки укулеле изведувач ќе одржи концерт и предавање во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип. Настанот ќе се одржи во четврток, во концертната сала на училиштето, со почеток од 12 часот, а е на иницијатива на професор од училиштето, во координација со ученик кој претходно учел во Музичкото училиште.
„Со огромно задоволство го најавуваме концертот на познатиот норвешки укулеле изведувач, Гауте Содерхолм, кој по иницијатива на нашиот колега и раководител на класата на гудачки инструменти, м-р Дејан Лазаревски, е поканет. Исто, овде ќе го спомнам и нашиот бивши ученик, Виктор Пехчеров, кој исто така има удел во оваа организација, а живее во Норвешка“, истакна Горан Кавраков, директор на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип.
Норвешкиот изведувач професионално настапува од 2015 година со свои преработки од познати песни и оригинални композиции преку кои промовира повеќе жанрови, техники и стилови. Препознатлив по својата енергија и уникатен начин на комбинирање стилови за укулеле, има што да им пренесе на учениците.
„Станува збор за познат укулеле музичар, кој има огромно интернационално искуство и кој има настапувано во Тајланд, во Виетнам и во Јапонија, во голем број држави, така што ние се радуваме, ова е нешто ново за нас. Ова е ново искуство со коешто мислам дека ќе придонесеме за подобар развиток на оваа култура во нашата држава“, додава Кавраков.
Гауте во моментов студира норвешка традиционална народна музика, преку што црпи инспирации и идеи за понатамошно надградување на својата музичка кариера. Концертот во четврток е отворен за сите заинтересирани и за истиот влезот е слободен.
Ребека Спасова М-Нет