Контејнерите празни – ѓубрето по улицата во Штип, надлежните со последен апел до граѓаните

Контејнерот празен, ѓубрето расфрлано наоколу, сликата кон Мирјанина црква во Штип потсетува на мини депонија. Граѓаните кои живеат во тој дел од градот, но и оние кои минуваат оттаму велат ова не доликува на живот во 21. век. Но вината не ја бараат во надлежните туку во самите граѓани. Пред камерите на М-Нет телевизија дел од нив истакнаа дека од ЈП „Исар“, речиси секојдневно се на терен и чистат, но отпадоците сепак завршуваат околу контејнерот и на самата улица.

„ЈП ,Исар’ чисте редовно ама ние не сме луѓе, фрламе се надвор, не фрламе во контејнерот. И водата чистат ја, ама нон стоп тече овде и смрде. И никако да се исчисте. Децата ги праќаат, не сакаат старите да одат, ЈП ,Исар’ чисте, ама ние не сме луѓе, ние фрламе надвор“

На терен можеше да се забележи и механизација од ЈП „Исар“ која работеше во собирање на ѓубрето, но и граѓани кои своите корпи за отпадоци ги исфрлаа покрај контејнерите. Директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков упати уште еднаш апел до граѓаните да бидат совесни и поодговорни.

„И покрај тоа што големите контејнери пртходно ги заменивме со помали од 1,1 метар кубен, истите беа туркани на земја и ѓубрето беше исфрлано надвор од контејнерите, повторно беше вратен голем контејнер на барање на граѓаните, но овде имаме ситуација каде сметот се исфрла надвор од контејнерот. Затоа апелирам и замолувам правилно да се користат контејнерите за јавното претпријатие да може навремено и како што може да го исфрла сметот“ – кажа Здравков.

Здравков истакна дека се поставени и информативни табли на кои се запишани броевите на јавното претпријатие за граѓаните да може да пријавуваат проблеми или мини депонии. Тој со последен апел до сите граѓани, замолува за сојузништво за да се зачува чиста животната средина и местото на живеење.

Лаура Стојанова М-Нет