Се уредуваат влезовите пред зградите во населба Сењак 2 во Штип, граѓаните задоволни

Уреден влезот пред зградите во населба Сењак 2 во Штип. Со бекатон плочки и понатамошно хортикултурно уредување, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, истакна дека сите влезови пред зградите во Штип ќе добијат современ и модерен изглед. Средставата за ваквите инвестиции се обезбедени од Буџетот на Општината.

„Се наоѓаме во населбата Сењак 2, пред влезовите на неколку станбени згради. Вршиме поставување на павер елементи и партнерно уредување на влезовите од овие станбени згради. Исто така, се остава простор заедно со јавното претпријатие да се уредат и зелени површини пред самите влезови. Станува збор за површина од 350 квадрати, околу 350 илјади денари е вкупниот износ кој Општина Штип преку ЈП „Стипион“ ќе ги вложи за уредување на влезовите на овие станбени згради. Ова е наша цел која сакаме да ја проследиме во сите населби каде има станбени згради“ – кажа Јорданов.

Хортикултурното уредување на просторот пред зградите ќе започне следствено на поставување на бекатон плочките, а директорот Здравков истакна дека ќе се уредува по желба на граѓаните.

„После уредувањето на овој простор од страна на Општина Штип, јавното претпријатие ќе влезе и меѓу зградите ќе го уреди хортикултурно целиот простор. Во договор со граѓаните ќе го израмниме целиот простор, ќе насадиме цветен насад, други расади сѐ тоа е во договор со граѓаните бидејќи ние се консултираме со нив и ќе го уредиме ова по нивна желба“ – кажа Здравков.

Поголемиот дел од жителите од населба Сењак 2 задоволни од она што се работи на терен, велат по повеќе од 40 години конечно нема да газат по кал.

Населба Сењак 2 од неодамна доби и уреден нов парк, а поставени во овој дел од градот се и јавни тоалети.

Лаура Стојанова М-Нет