
Иван Јорданов и ВМРО – ДПМНЕ се поигруваат со меморијата на граѓаните, обвинија на прес-конференција од ОО на СДСМ Штип. Потсетуваат дека во времето на СДСМ бил изготвен проект за санација на колекторската цевка како и ревизија на истиот, но целата постапка завршила со распишувањето на локалните избори. Упатија апел – Јорданов да ја надмине својата суета и да го реши проблемот во населбата во која и самиот е жител.
„Изнајдовме решение за проблемот со колекторот, со што се обезбедија и нови цевки. Веднаш по набавката на цевките и изготвениот проект, се распишаа локални избори во Штип со што се прекинаа сите градежни активности. Од преземањето на власта од страна на ВМРО – ДПМНЕ и Иван Јорданов до денес тие не продолжија за решавање на овој проблем. Па затоа го прашуваме градоначалникот: Каде се цевките кои беа набавени и пред кои тој се сликаше? По чија наредба се стопира проектот за санирање на колекторската цевка?“ – велат од ОО СДСМ Штип.
Од Општина Штип, пак, во писмена реакција велат дека се посветени на решавањето на проблемите на граѓаните, а во однос на овој проблем не станува збор за стопирање по нечија наредба, туку за наследена некомплетна документација за проектот.
„Ваквите прес-конференции се уште еден неуспешен обид за замајување на јавноста од страна на партијата која го преспа мандатот од четири години и сега со манипулации се обидува да добие дневно политички поени. Како што потенциравме и на претходниот обид за манипулација, локалната самоуправа по реконструкцијата на мостот, ќе продолжи со санација на колекторската цевка, но наследивме некомплетна документација која мораше да се докомплетира за да се извадат неопходните одобренија за градба согласно со законските прописи. Ние сме посветени на решавањето на проблемите со кои нашите сограѓани се соочуваат секојдневно, бидејќи на крајот од денот тие ја даваат оценката за тоа кој ја говори вистината.“ – одговорија од Општина Штип.
Ова не е прва препирка на оваа тема. Претходно од ОО СДСМ Штип на прес-конференција истакнаа дека Водици ќе се дочека недостојно поради неодговорноста на Јорданов, односно дека ВМРО – ДПМНЕ го практикува она за што претходно критикувале.
Ребека Спасова М-Нет