
Од регион до регион во Трета лига е различна ситуцијата кога е во прашање обезбедување на баражот за Втора лига.
Трета лига – Исток има нов лидер, Овче Поле од Свети Николе е на врвот со 31 бод, два повеќе од непоразената Победа од Валандово, но треба да се напомене фактот дека тимот од Валандово има дури два меча помалку, а овие две екипи веќе в недела во Свети Николе меѓусебно ќе се соочат во директна дерби пресметка.
На третото место е Ударник од Пирава со 26 бодови на своето конто и овие три екипи ја продолжуваат борбата за првото место на Истокот.
Во Трета лига – Југ водечки е Борец со 43 бодови, тимот од Велес кој лани испадна од Втора лига има шест бодови повеќе од Превалец кој е втор, но има и меч повеќе. Меѓу овие екипи ќе биде борбата за првото место иако веќе Борец оди сигурно кон потврда на првото место.
Во Трета лига – Север на врвот е некогашниот прволигаш Еуромилк ГЛ со 46 бодови, пет повеќе од БВК Коњаре кој е втор и меѓу овие две екипи е трката за првото место и баражот за Втора лига.
Камјани е лидер во Трета лига – Запад со 36 бодови, седум повеќе од Влазерими кој има 29. И во овој регион борбата за второлигашки бараж е сведена на овие две екипи.
Во Трета лига – Југозапад ќе има поголема неизвеност. Влазними е лидер со 22 бодови, Славеј е втор со 20 бодови, Караорман е трет со 19 бодови.
Шампионите од Трета лига ќе играат бараж за влез во Втора лига, а покрај овие пет екипи ќе се приклучат и трите екипи од Втора лига кои ќе завршат на деветтото, десеттото и 11-тото место.
Победниците од овие бараж средби ќе бидат второлигаши за сезона 2026/2027.
Александар Ванев, М-Нет