Кожуф никој не го запира – Пелистер падна во Гевгелија, Беса загуби во Радовиш од одличниот Детонит Плачковица

Петтата рунда од Втората македонска фудбалска лига донесе изненадувачки резултати, дерби натпревари кои направија промени на табелата.

Најинтересно беше во Гевгелија и Радовиш каде гледавме соочување на водечките екипи, а тука двата главните фаворити за Прва лига Пелистер и Беса останаа со празни раце.

Гледачите на телевизија М Нет во живо преку директен пренос го следеа соочување во Гевгелија каде непоразениот Кожуф го „сруши“ Пелистер и во Битола го испрати со празни раце, откако со 3:2 забележа висока победа за пет од пет и со тоа гевгеличани се осамени на врвот од табелата со максимални 15 бодови.

Во Гевгелија се чувствуваше одличната атмосфера пред натпревар, желба за докажување на младиот тим на Трајче Сенев кој беше дополнително мотивиран бидејќи игра против фудбалски бренд како Пелистер, мотивиран и од одлични резултати пред репрезентативната пауза, практично Кожуф продолжи таму каде што застана пред репрезентативната пауза.

Дерби на двајцата штипски стратези Трајче Сенев на Кожуф и Влатко Костов на Пелистер, дерби во кое подобар беше составот на Сенев.

Александар Богданоски го отвори резултатот во 20. минута од мечот кога Кожуф имаше 1:0 за огромна радост на домашната публика, а тоа предизвика внимание кај битолчани дека мора да постигнат брз гол и да се вратат во егал борба.

Пред крајот на првиот дел Ќире Митков ја стресе мрежата на Јовчевски за 2:0. Само три минути подоцна во судиското продолжение Благоја Љамчевски постигна гол за 2:1 на полувреме.

Во вториот дел Пелистер дојде и до посакуваното израмнување и враќањето во игра за трите бодови. Бојан Спиркоски во 65. минута постигна гол за 2:2 и со тоа атмосферата на Градскиот стадион во Гевгелија се вжешти, а се врати и неизвесноста околу трите бодови и конечниот епилог.

Богданоски беше херојот за тимот предводен од Сенев, кога во 90. минута ја смести топката во противничката мрежа за конечни 3:2 за голема радост и голема победа на Кожуф.

Во Радовиш се одигра дербито меѓу Детонит Плачковица и фаворитот за Прва лига екипата на Беса од Добри Дол во натпревар каде радовишани со 2:0 го собраа целиот „плен“.

Тимот предводен од Иван Варадиновски одлично ја искористи репрезентативната пауза за екстра подготовки, по ремито со Пелистер во Битола (0:0), радовишани продолжија со одличните резултати и не знаат за пораз по пет одиграни кола.

Главниот судија Дејан Младеновски имаше многу работа на овој натпревар бидејќи подели 11 жолти картони кај радовишани, девет на играчи и два во стручниот штаб, додека кај гостите подели два кај играчите и два кај стручниот штаб со еден црвен картон за Јасмин Мециновиќ во 86. минута.

Капитенот Иван Настевски во 34. минута го совлада искусниот Тофилоски за 1:0 на полувреме, а тоа предизвика огромна радост кај домашната публика која даваше голема поддршка за својот миленик.

Во вториот дел продолжи неизвесноста, а Младеновски имаше многу работа со жолтите картони, радовишани имаа резултат кој им одговараше, а притисокот беше кај Беса која сакаше да извлече барем бод, сепак сите дилеми ги реши младиот резервист Александар Смилков кој доцна во 97. минута погоди за конечни 2:0 и ерупција на Градскиот стадион во Радовиш.

Радоста кај радовишани беше голема, а нормално и во самиот тим. Веднаш по натпреварот тренерот на Детонит Плачковица, Иван Варадиновски за телевизија М Нет вели дека на натпреварот влегле резервирано во првите моменти од наптреварот, но додава дека имале контрола во текот на целиот натпревар.

„Влеговме малку резервирано во првите неколку минути од натпреварот, потоа се консолидиравме и имавме тотална контрола во текот на целиот натпревар и заслужено ги освоивме бодовите. Честитки до моите играчи и огромна благодарност до радовишката публика за феноменалната поддршка“, вели Варадиновски во ексклузивна изјава за телевизија М Нет.