
99% од материјалите од локалните избори кои што се одржаа вчера во Општина Штип се обработени. Претседателот на ОИК Штип, Виктор Вацев истакна дека има 24 часа простор за приговор. Доколку нема приговори од останатите политички партии, за недела ден може да се смени општинската администрација.
„Значи во моментот ОИК се уште ги сумира резултатите, имаме обработено 99% од избирачките места и се уште ги обработуваме резултатите. Доколку во моментот ги однесеме резултатите во ДИК, рокот за жалби е 24 часа од денот на доставување на официјалниот записник од ОИК и доколку немаме приговори целата постапка би можела да се заврши во рок од недела дена. Тоа значи дека веќе од наредната недела самата општинска администрација во Општина Штип може да има нов градоначалник“ – кажа Вацев.
Откако ОИК ќе ги прогласи за конечни резултатите за градоначалник и советници во Општина Штип, новиот градоначалник ќе го добие уверението и ќе седне во градоначалничката фотелја.
Во текот на вчерашниот ден немаше никакви приговори и забелешки, истакна Вацев. Единствено на избирачкото место 2296 имало заборавено ливче позади параванот за гласање. ОИК излезе на увид на лице место и ливчето беше поништено, а гласањето беше прекинато само 15 минути.
Лаура Стојанова М-Нет