Ковид – 19: Вкупно 28 пациенти во болниците во Штип и Кочани, починало едно лице

Едно починато лице, едно новопримено и четири оздравени и испишани покажува последната ковид статистика од штипската болница. Починатото лице е на 63 годишна возраст од Штип. На Инфективното одделение хоспитализирани се 25 ковид – позитивни пациенти, а едно дошло и во дневната болница. Од нив 18 се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка, а четворица се вакцинирани. На Инфективното одделение има 35 слободни места, а на Кожното одделение 10, информира портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во Кочанската болница ситуацијата е смирена и таму има само тројца хоспитализирани ковид – позитивни пациенти. Од нив двајца се вакцинирани, а на кислородна поддршка нема ниту еден. На Интерното одделение кое работи како ковид – оддел слободни се 24 места, информираат од болницата.

Според информации од Институтот за јавно здравје, регистрирани се 190 нови случаи на Ковид – 19, што е 7% од вкупниот број направени тестирања. Починати се 14 лица, а оздравени се 193 лица.

Во градовите од Источниот регион има вкупно 358 активни случаи на Ковид – 19. Бројката е трицифрена само во Штип, каде има 112 активни случаи, во останатите е двоцифрена, а во Пехчево има само пет активни случаи.

Досега во земјата се направени вкупно 1.521.642 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 221.285, бројот на оздравени пациенти е 207.948, на починати е 7.815, а бројот на активни случаи изнесува 5.522.

Ребека Спасова МНет