Штипската библиотека и Центарот за социјална работи Штип со нови в.д. директори

Штипската библиотека Гоце Делчев и Центарот за Социјални работи Штип, со нови вд директори. Имено, по одлуката на Државната комисија за спречување корупција дека вршител на дејност директор, вд директор на институција или јавно претпријатие не може да биде и советник, директорот на библиотеката Зоран Костовски и директорката на центарот за социјални работи Златка Иванова си поднесоа оставки. Тоа значи дека истите остануваат во Советот на Општина Штип како советници од опозициската СДСМ.

„По препорака на правната служба на Советот на Општина Штип беше испратено писмо до антикорупциска каде се произнесоа дека има судир на интереси и дека директор и советник не можам во исто време да бидам. Така да се одлучив да останам советник, а ја депонирав пред некој ден оставката на место директор на библиотеката“ – кажа Костовски.

Иванова исто за М-Нет во телефонски разговор потврди дека на 17 месецов си поднела оставка од директорската позиција и останува во Советот на Општина Штип. На нејзино место односно нов в.д. директор на Центарот за социјални работи Штип ќе биде Виктор Горгиевски.

Зоран Костовски во директорската фотелја седна во 2019 година и две години ја извршува оваа должност, а во Советот на Општина Штип е советник со најдолг мандат кој е бил и од страна на Власта и од страна на опозицијата.

Златка Иванова како директор на Центарот за социјални работи Штип беше назначена во 2018 година, а ова и е прв мандат во Советот на Општина Штип како советник.