
Започнал со велосипедизам, а продолжил со мотори следејќи го својот татко, младиот Кирил Григоров од Штип има голема љубов кон моторите, започнал рекреативно, но денес има резултати кои се за почит, а минатата година стана и шампион во категоријата во која се натпреварува.
„Уште од мали нозе почнав прво со велосипед и тоа екстремно возење. Сум се натпреварува во Пелистер, во Боровец, Бугарија, потоа во Прилеп, така почнав, потоа продолжив со мотор. Досега променив три мотори, почнав со помала кубикажа, од 85 кубици, потоа на 250 кубици мотор, тој беше Хусварна, а моментално возам Јамаха 250 кубици од 2021 година“, рече младиот мотоциклист.
Григоров за М Нет телевизија ги раскажува своите почетоци кон овој спорт и успесите кои ги постигнува.
„Во 2021 година каде што се тркав во Берово, потоа се натпреварував во Делчево, на планината Голак, се натпреварував во Орман, Скопје, тоа беше во класата на мотокрос, тоа е кружна трка, го освои четвртото место. Има два типа на возење, тоа е мотокрос и ендуро. Јас во ендуро станав државен првак, додека во мотокрос тоа се кружни трки со скокови со повеќе конкуренција, во исто време тргнуваме околу 20 натпреварувачи и тоа е разликата.“
За 2025 година тој е шампион во категоријата во која се натпреварува, резултатите му значат многу бидејќи како што вели се вложил и многу, а тоа е мотив повеќе во иднина за уште поголеми резултати.
Овој спорт бара и голема физичка подготвеност, дисциплина, тренинзи и добри подготовки.
„Тренирам редовно, тоа е многу важно. Дисциплината, тренирам кросфит и бокс моментално, тоа ми се рекреативни тренинзи со кои си ја спремам физичката активност. Резултати навистина многу ми значат од претходната година, бидејќи вложив многу труд, многу дисциплина, редовно тренирав на нашата патека што ја имаме овде во Штип во населба Пребег со Петар Мијалков и тоа исклучително ми значеше“, ни изјави Глигоров.
Како што вели младиот штипјанец кој е голем вљубеник на овој спорт – желбата за истиот е голема, но финансиите се уште поголеми.
„Желбата е голема, но финансии се уште поголеми. Јас сам се финансирам моментално, немам никакви спонзори и како што реков, рекреативно се натпреварувам, но резултатите одат високо“, дополнува Григоров.
Кирил Григоров има 19 години, вели дека се уште е млад за да одлучи дали професионално ќе продолжи со овој спорт, бидејќи најголема пречка се финансиите. Новата сезона треба да започе кон месец април, а тој се подготвува и се надева дека и во 2026 година ќе има големи резултати и дека одново ќе застане на шампионскиот подиум како што го направи за 2025 година.
Александар Ванев, М-Нет