Штипјанецот Божидар Коцевски е познат актер во Германија, игра во филмови и серии, желба му е да снима и во Македонија

Кога имал само една година, заедно со семејството од Штип заминал во Германија. Денес, 35 години подоцна, Божидар Коцевски е познат актер кој живее од својата професија во Берлин. Патот до тука не бил ниту краток, ниту лесен. Растел во Хајделберг, а подоцна студирал актерство во Берлин и десет години работел во театар. За место на факултетот конкурирале повеќе од илјада кандидати, а биле примени само десетмина, меѓу кои и самиот Коцевски. По десет години во театарот, Божидар почнал почесто да оди на кастинзи и да бара шанса во филмови и серии. Денес вели дека многу работа и упорност му помогнале да стигне до ова ниво, а голема мотивација му е и тоа што преку својата работа ги претставува семејството и Македонија.

,,Oд 1990 година сум во Германија, пораснав во Хајделберг, па студирав во Берлин и сега таму живеам, а таму и работам. Jaс студирав во универзитет на уметноста во Берлин, еден од најголемите во Европа, беше многу тешко да се влезе, бидејки имаше од 1000 до 1500 што аплицираат, а само 10 влегуваат во универзитет. Бев 10 години само во тетар и сакав некако повеќе да имам време, бидејки во театарот е само работ од наутро од 10, до вечер до 10. Учеш многу текст, си одеш дома за спиење, стануваш и пак одеш во театар. Другите луге кога работат и ти работеш, кога ти не работат, ти работеш за нив. Значи тоа е многу работа, а после тоа јас почнав да аплицирам, да правам многу кастинзи за филмови, серии и сега повеќе снимам филмови и серии. Јас мислам дека секаде има заработка ако не си зимаш одмор, ако тоа ти е сон за да успееш и затоа мора да работеш и живееш само за тоа, тогаш ќе има. Јас во тоа многу верувам и така исто почнав да глумам, со таа мисла, дека не се презентирам само себе си, него и мојата фамилија и нација, значи Македонија, значи тоа ми даваѓе многу сила за да работам преку 15 или 17 години за да дојдам до овој степен и сум многу благодарен што можам слободно да живеам од оваа професија.“, вели Коцевски

Германија за многумина е земја за подобра заработка, но дали е навистина лесно кога ќе заминеш таму. Божидар Коцевски вели дека оние кои доаѓаат од друга земја мораат многу повеќе да се докажуваат и да работат за да стигнат до успех.

,,Не е воопшто лесно, оти таму јас одам како македонец и тие ме гледаат како Божидар Коцевски, затоа јас го зедов името Божи Дарко. Значи тие ме зимаат за улоги за криминалци, за многу мали улуги. Значи требаше да покажам, да се презентирам, да видат дека знам и можам добри други улуги, дури германски улуги да ги покажам. Значи сите луге кои што доагаат од страна во Германија, морат дупло да се покажат, дупло повеќе да работат, за да можат да заработеш и успееш.“, додава Коцевски

Иако речиси целиот живот го поминал во Германија, Македонија за него никогаш не била само земја од која потекнува. На прашањето како се чувствува и каде се пронаоѓа себеси, Коцевски вели дека во срцето се чувствува како Македонец, но истовремено и како човек со два света.

,,Кога имавме распуст во Германија, мислам дека покушав секое лето овде да доагам во Македонија, најмалку еден месец да бидат тука, да бидам со фамилијата, да се видам со роднините, да зборувам македонски. Но, и кога бев во Германија. Додека сите деца беа надвор и си играа, мамо и тато ми велеа дојди тука да седнеш да читаш македонски весник и дадат ми го и ајде читај, иако плачев, но после еден час излегував надвор да си играм со другарчињата. Јас мислам дека во срцето сум си македонец, кога доагам овде има ситуации во кој се чувствувам како германец, а кога сум во Германија сите ме гледаат повеќе како македонец. Значи многу е тешко да се најде од каде си. Морам да кажам дека јас така се многу чувствувам како интернационален човек, на кој што еден дел од срцето му е во Штип, бидејки сум роден тука.“, кажа Коцевски

Коцевски има играно во повеќе познати серии, меѓу кои „Свет“, „Давос 1917“, „Минхен Гејмс“ и „Шпурен“, а една од неговите желби е да сними филм и во Македонија.

,,Имам глумено во една серија, викаше се Swet, пот на англиски, јас бев фитнес тренер. Имам глумено и во историската серија вика се Dawos, по градчето во Швајдарија Давос, имам изглумено Лени.“, рече Коцевски

Освен преку филмовите и сериите, Коцевски често ја забавува публиката и на Инстаграм. На својот профил објавува кратки смешни видеа во кои на свој начин го прикажува животот на Балканот, нашиот менталитет и секојдневните ситуации. Иако живее во Германија, преку овие видеа покажува дека не ги заборавил корените и дека сè уште е близок со балканската публика.

Иван Митев, М-Нет