
Во постела, без храна и средства за хигиена, во куќиќка која беше пред распаѓање живеше Кире од Кочани пред речиси две години. Откако му се слошило и добил удар неговата здравствена состојба драстично беше влошена, а тој молеше за парче леб. Денеска по неполни две години Кире е на нозе, а дополнително доби и социјален стан во новата социјална зграда во Кочани. Благодарен на граѓаните кои му помагале изминатиот период, но и на институциите вели конечно е на нозе и со решено станбено прашање.
„Неполни две години добив тромб или мозочен удар, се здобив со тешки последици и легнав во постела, а имам 55 години. Но ми се помогна во секој наврат и сега сум на нозе. Добив облека, прехрамбени продукти и покрив над главата.“ – вели Доневски.
Кире Доневски сега живее од социјална помош и туѓа нега, ама како што вели сѐ уште има хумани граѓани кои го посетуваат и му носат храна, облека и слично. Наредниот месец треба да се всели во новиот стан кој го доби, па како што вели има потреба од апарати за домаќинство.
„Сега живеам од социјална помош и туѓа нега. Но, имам помош и од хуманите луѓе коишто ми помагаат. По месец дена ќе се вселам во станот, оти сега немам ништо ни кревет.“ – додава Доневски.
Освен Кире, уште 34 семејства добија социјален стан во новата трета социјална зграда во Кочани. Станови се поделија на семејства од социјален ризик.
Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет