
Четворица млади ентузијасти од Штип, во Штип ќе го донесат првото кино на отворено, или drive in cinema, со цел младите од Штип, но и регионот, да го почувствуваат она што веќе е тренд во светот.
Станува збор за едно поинакво искуство, една поинаква приказна, несекојдневен настан, во кој што по теркот на европските градови, заинтересираните ќе имаат екслузивна можност да уживаат во добар филм, пуканки и пијалоци под отворено небо и атмосфера многу поразлична од вообичаеното.
Настанот ќе се случува во недела, на локација кај аероклубот во близина на Три Чешми, место за кое организаторите одлучиле дека е најпогодно за реализација на настан од ваков карактер.

Еден од организаторите, Иван Милосавов, истакна дека локацијата ќе биде комплетно обезбедена и ќе се запазат сите мерки за заштита препорачани од СЗО. За да нема никакви неочекувани проблеми, известени се и надлежните во СВР Штип.

–Како дел од тимот организатори, чест ми е да го најавам овој настан, што за прв пат ќе му се случи на нашиот град. Неговата цел е едно поинакво доживување и оттргнување од целата ситуација, која во моментот му се случува на целиот свет и доживување на едно поинакво искуство. Препорачувам на посетителите да бидат општествено одговорни и да бидат запазени сите мерки предвидени од СЗО поради КОВИД 19. Надлежните се известени за настанот, се надеваме како што напоменав, дека ќе бидеме до крај општествено одговорни за целиот настан – изјави Милосавов.
Она што е најзначајно за овој настан, е тоа дека сите кои сакаат да гледаат кино од возило, мора претходно да резервираат, бидејќи е неопходно да се знае точниот број на присутни, за да се направи соодветен план, како ќе бидат паркирани возилата. Просторот ќе биде поделен во две зони.

-Мора ние да го испланираме просторот, односно геодетот, да биде испланирано се точно, за да биде поуспешна паркинг реализацијата.

Резервациите за вашето паркинг место за настанот може да ги извршите во Coffie Lab, добро познатиот локал во центар на Штип, а исто така и на социјалните мрежи се поставени и контакт броевите на кои ќе можете да бидете услужени со карта за манифестацијата. Сите останати информации, заинтересираните можат да ги добијат на Фејсбук страницата и на официјалниот инстаграм профил „Drive in cinema aero“ – истакна Милосавов.
Она што ќе се гледа во недела е акциониот трилер „Колајд“, а проекцијата е предвидено да започне во 21 часот. Сепак, присутните нема само да гледаат филм. Пред почетокот, но и по завршувањето на филмот, предвидена е и музичка забава со познати DJ-и.
-Доколку некој има желба, може и по завршувањето на филмот да остане, да ужива во добрата музика – рече Милосавов.
На просторот кај авио клубот предвидено е да можат да се паркираат околу 150 возила, а Милосавов најави дека доколку има заинтересираност и доколку сите кои ќе присуствуваат ќе бидат општествено одговорни, повторно ќе може да очекуваме кино на отворено во Штип.

Организацијата ќе биде на ниво, соодветно за локацијата, истакна Милосавов, додавајќи дека на самиот влез ќе има лица за обезбедување кои ќе ги упатуваат заинтересираните на резервираните места, а предвидено е да има и шанк на кој ќе се служат алкохолни и безалкохолни пијалоци.
Организаторите сигурни дека се ќе помине во најдобар ред, повикуваат – „Не дозволувајте да ви прераскажуваат вашите другари, колеги, комшии. Бидете дел од настанот кој ќе се случува во аеро клубот“, на само десетина километри од Штип. И почитувајте ги протоколот и мерките за претпазливост.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ДАРКО ДОНЕВ