
Карбинчани ја блокираа едната сообраќајна лента од патот Штип – Кочани кај с. Долни Балван во знак на поддршка за приведените поради садниците канабис. По мирните протести во селото, својот револт го искажаа преку блокада на патот. Информации за приведените сѐ уште нема, единствено на еден од нив му е одбиена жалбата.
„Последната информација шо ја имаме е дека некои од приведените имаат поднесено жалба да се бранат на слобода. Веќе на еден од нив жалбата е одбиена, за другите ги чекаме информациите.“
„Да им ги видат рацете, какви им се испукани. Тие се земјоделци, тоа е брука, срамота. Тие што се виновни не ги откриваат, туку сиромашните. Овие се толку измачени луѓе, работат земјоделие, стока. Не се мрднале, а не тоа да го работат.“
„Кој ќе саде, кој ќе ги гледа кравите? Мајка му оде на работа, деца има, внучиња. Кој ќе гледа? Ова е срамота и греота.“
Блокадата на сообраќајната лента, како и протестите претходните два дена се со цел да се упати апел да надлежните повторно да ја проверат ситуацијата. Тие тврдат дека притворените се луѓе кои чесно и макотрпно заработуваат занимавајќи се со земјоделство и сточарство.
„Ако може од тоа да ги заработуваме парите, секој ден ќе садиме. Пет милиони евра велат. Види каков сум јас со земја, како може? Сакаме министерот да дојде овде и инспекторите да кажат што е и како е.“
„Мојот го затворија, 15 крави има, мајка ми е 85 години, неподвижна, со секакви лекарства. Срамота е, нека му ги видат рацете. Не е женет, за кого ќе печали од таа дрога. Печали од рацете испукани. Ако е со дрога, нема да биде ваков. Ова е неправда.“
„Значи ние на овој начин само сакаме да допреме до луѓето, до врвот на МВР, да ги разбудиме луѓето кои веќе седат во тие добри фотелји од телешка кожа, некој од нив барем малку да обрне внимание на луѓето кои ги праќаат на терен. Што тие работат и од кого се пратени, какви активности вршат и кои луѓе ги притвораат.“
Тие се со став дека ќе продолжат со поддршката за своите блиски со цел да допрат до надлежните и да се утврди дека станува збор за диво растение и дека наместо вистинските виновници, приведени се чесни луѓе.
Ребека Спасова М-Нет