Карбинци ќе го предизвикува Овче Поле, дерби во Пирава, Малеш гостува во Дојран

В недела се играат натпреварите од 13. коло на Третата македонска фудбалска лига – Исток, а во рамки на истото Карбинци ќе го предизвикува Овче Поле на домашен терен, соочување на два ривали каде тимот од Свети Николе е без право на грешка во обид да го стигне лидерот од Валандово, а пак Карбинци оди по три бодови и можност за прогрес на табелата.

Правдата ќе ја дели Тодор Апостолов.

Дерби ќе се игра во Пирава каде ќе се соочат Ударник и непоразениот лидер Победа од Валандово, дерби кое буди голем интерес и сигурно е дека ќе биде исполнета трибината со силна поддршка од страна на двете навивачки групи.

Од Ударник преку соопштение истакнаа дека поради најавениот голем интерес публиката се замолува да дојде порано на стадионот, бидејќи вратите на стадионот ќе се затворат пред почеток на мечот.

Правдата ќе ја дели Димитар Пилешков од Штип.

Екипата на Малеш од Берово ќе гостува во Дојран каде ќе ги домери силите со Дојранско Езеро. Главен судија ќе биде Блаже Јанев.

Натпреварите ќе започнат со едноминутно молчење во знак на почит кон починатите од големата трагедија која се случи во Кочани на 16 март минатата година кога починаа 63 лица во страотниот пожар во дискотеката „Пулс“.

Александар Ванев, М-Нет