Карбинци домаќин на непоразениот лидер Слога Виница, дерби на Овче Поле и Брегалница Делчево

В недела ќе се одиграат натпреварите од осмата рунда на Третата македонска фудбалска лига – Исток, а во рамки на оваа рунда дербито ќе се одигра во Свети Николе каде ќе се соочат Овче Поле и Брегалница Делчево.

Дерби на второпласираниот домаќин и третопласираниот гостин, дерби кое може да направи промени за второто место на табелата. Овче Поле има скор од пет победи едно реми и еден пораз, клубот го има вториот најефикасен напад во лигата со втора најдобра одбрана во лигата и 16 бодови на своето конто, а пак третолигашот од Делчево има скор од четири победи, едно реми и два порази за вкупно 13 бодови на своето конто.

Вечерва и во спортскиот магазин Трибина на М Нет ќе имате можност да ја проследите комплетната анализа на Третата македонска фудбалска лига со преглед на табелите како во Истокот така и во остантите третолигашки региони.

Карбинци на домашен терен ќе има тешка задача против непоразениот лидер Слога Виница, па домаќинот ќе се обиде прв да го запре тимот од Виница предводен од штипскиот стратег Емил Грнев.

Хоризонт Турново на домашен терен како голем фаворит ќе го пречека тимот на Ударник од Пирава, екипа која не тргна според посакуваното и има само една победа со шест порази. Турново како фаворит ќе атакува на четврто славје.

Малеш со двете победи се проби до седмото место на табелата, а ќе бара трета победа против разнишаната Тиверија. Трите бодови им се важни и на двете екипи пред се за престиж и повисок пласман на табелата, а со кои може да се пробијат барем до петтото односно шесттото место на табелата.

Натпреварите од осмото коло во Трета лига – Исток ќе започнат во 13 часот.

Александар Ванев, М-Нет