Капитенот Коцев, Костов, Силјановски и Калпачки во „клубот 100“ на Брегалница

Четири фудбалери на Брегалница влегоа во „клубот 100“ – одиграни над 100 натпревари во „синиот“ дрес.

Брегалница стана шампион во Втората македонска фудбалска лига и од следната сезона ќе игра во елитното друштво, а клубот не ги заборави играчи кои дадоа многу за Брегалница, играчите кои покажаа лојалност и голема љубов кон клубот од Штип.

Пред почетокот на последниот меч од 30. коло на Втора лига, Брегалница им додели врамени дресови со бројот 100 на капитенот Стефан Коцев, на Стефан Костов, на Горан Силјановски и на Давид Калпачки.

Покрај одиграните сто натпревари за Брегалница, овие фудбалери дадоа многу и со погодоци, асистенции, со позитивна атмосфера, со искуство кон младите, а управата на Брегалница заедно со претседателот Ангел Бојаџиев тоа го цени и фудбалерите ги добија врамените дресови со бројот 100 како спомен за нивниот голем придонес кон Брегалница, особено оваа сезона кога клубот стана шампион во Втора лига и се врати во Првата лига.

Коцев низ неговата кариера покрај за Брегалница настапуваше и за Силекс и Шкендија во македонскиот фудбал, а меѓународна кариера градеше во Косово, Грција и Казахстан. Со тимот од Тетово има шампионска титула во Првата македонска фудбалска лига.

Костов покрај за Брегалница играше и за Ренова, Академија Пандев Брера Струмица со кој тим има Куп титула, Тиквеш и Пелистер.

Силјановски во неговата кариера покрај за Брегалница беше дел и од Македонија ЃП, Вардар, Ренова, Работнички, Беса од Добри Дол, а во Албанија настапуваше за Фламуртари и Динамо.

Во сезона 2013/2014 го освои шампионатот на Македонија со Работнички, а трипати го освојување Купот на Македонија, двапати со Работнички и еднаш со Ренова.

Калпачки беше дел од Хоризонт Турново, Беласица, Скопје и Брегалница, а во Словенија градеше меѓународна кариера со настапат за Крка.

Од следната сезона на Градскиот стадион во Штип ќе се гледа повторно прволигашки фудбал.

Александар Ванев, М-Нет