Калпачки: Играме против можеби најквалитетниот тим, нашите амбиции се првите две места или бараж за Прва лига!

Утре на Градскиот стадион во Штип ќе се одигра дербито на колото меѓу Брегалница и Македонија ЃП, а во рамки на 26. коло на Втората лига.

Капитенот на Брегалница, Давид Калпачки, кој е најдобар стрелец за штипскиот клуб, вели дека целта на Брегалница е освојување на едно од првите две места, евентуално третото место кое води кон баражот за можен влез во Прва лига.

„Играме можеби против најдобриот состав во лигата, тоа значи дека не очекува доста тежок, но и интересен натпревар. Се подготвуваме максимално, очекувам со мудра и паметна игра да ги оставиме трите бодови во Штип. Нашите амбиции се освојување на едно од првите две места, евентуално трето за да играме бараж за Прва лига. Тоа мораме да го покажеме на терен“, вели Калпачки.

Натпреварот ќе започне во 16 часот, а истиот ќе можете да го следите во живо на М Нет телевизија.

Александар Ванев, М-Нет