Како се донесуваат одлуките во Советот на Општина Кочани со новиот состав, според Крстевски?

Со промената на Локалната власт во Кочани, а со тоа и промена на составот на Советот на Општината одлуките за доброто на граѓаните се донесуваат различно. Независниот кандидат во Советот на Општина Кочани, Венко Крстевски, кој беше дел од нашата емисија „Зум анализа“, од негова гледа точка прави разлика како функционирал советот претходно и денес. Вели одлуките се донесуваат многу потешко, а предлозите тешко се прифаќаат.

„Во првиот мандат јас бев советник којшто имаше најмногу советнички прашања, најмногу предлози и истите во најголема мера беа прифатени. Иако во тој мандат коалицијата од СДСМ имаше мнозинство, сепак тие беа доста конструктивни и ми ги прифаќаа моите предлози. Кочанчани ги знаат тие предлози и проекти, кои пред сѐ се во централното градско подрачје. Во првиот мандат повеќе проекти беа реализирани, сега, за жал, иако имав предлози коишто ВМРО ДПМНЕ ги имаа во нивната програма, истите не ги прифатија да влезат во буџетот“, вели Крстевски.

А она што најмниогу му недостасува на Кочани, според Крестевски, е друштвена динамика. Тоа не значи дека инфраструктурно нема недостатоци, но ова би требало да биде во центарот на вниманието.

„Моментално најмногу ни недостасува друштвена динамика која се опфаќа преку полето на култура со културни активности, преку спорт со спортски активности. Се надевам дека во иднина Советот во рамки на неговите можности ќе биде иницијатор затоа што во претходниот период се направија низа активности. Сепак, истото се нормализира“, додава Крстевски.

Крстевски очекува промена на претседателот на Советот на Општина Кочани, бидејќи како што истакна тој, претседателот е важна фигура во одржување на редот и конструктивноста на самите седници. Тој додаде, како поединец ќе делува максимално конструктивно во интерес на граѓаните на Општина Кочани.

Лаура Стојанова М-Нет