Како да се заштитите од алергиите, кои се здравствените ризици кои ги носи летниот период?

Кивањето, солзењето и главоболката сѐ уште се присутни симптоми кај оние кои страдаат од алергии. Најлошите месеци за луѓето алергични на полен може да бидат мај и јуни, но тоа може да се продолжи и во текот на летните месеци. Меѓу летни алергии најчесто е цветањето на липите, што е причина во амбулантите да се јават пациенти со горнореспираторни проблеми, како болка во грло и кашлица.

„Алергиите се манифестираат со кивање, со солзење на очи, како благи симптоми, главоболка, до потешки симптоми како немање здив, особено кај оние што веќе имаат астма и алергиски ринитис. Се препорачува да не се шета наутро, кога е најголемата концентрација на алергените, ама во ова врнежливо време некако концентрацијата е во текот на целиот ден, да се избегнува шетање во региони каде што цветаат алергените. Оние кои се алергични веќе знаат на што се алергични. Се препорачува да си ја земаат антихистаминската терапија, назалните спрееви, она што е ординирано од специјалист-пулмолог или лекар за уво, нос и грло“, вели д-р Митрова.

Повисоки летни температури метеоролозите најавуваат од следната недела, со што би се појавила потреба од поголема заштита. Во летниот период чести се и гастроинтестиналните нарушувања, поради што лекарите препорачуваат да внимаваме од каде јадеме.

„Во летото најмногу се соочуваме со високите температури, сѐ уште ги нема, ама кога ќе дојдат, препорачуваме оние што имаат соодветна терапија, редовно да ја земаат, во периодот од 10 до 17 часот да не излегуваат непотребно, соодветна хидратација, памучна бела облека, заштитна капа, очила, особено кај оние кои поради работните обврски се изложени на високи температури. Понатаму, да не се јаде застоена храна, туку свежо подготвена, затоа што постојат ризици од труење од несоодветно чување на храна. Знаеме, едни од причините се јадењето сладоледи, јадење по кафеани, така што тука треба да внимаваме од каде се храниме“, додава д-р Митрова.

Летниот период носи здравствени ризици поврзани со високите температури УВ зрачењето, промената на исхраната и бројните актиности на отворено. Патувањата дополнително претставуваат промена на климатските и хигиенските услови, како и храна и вода на која не сме навикнати.

Ребека Спасова М-Нет