Каков е распоредот на второлигашите за влез во Прва лига, кој тим има најтежок пат до прво место?

Борбата за влез во Прва лига е сведена на четири екипи, Брегалница е лидер со 55 бодови, а пак Охрид, Скопје и Шкендија Арачиново го делат второто место со по 53 бодови.

Брегалица и Скопје ќе бидат во предност во однос на Охрид и Шкендија Арачиново кои ги очекува полуфинален двомеч во Купот на Македонија за што дополнително ќе им треба енергија и сила, а тоа значилно ќе ги потроши екипите и може да биде многу клучно во моменти кога се решава за влез во Прва лига.

Брегалница веќе в сабота ја очекува дерби во Радовиш против Детонит Плачковица, следува лесен меч на домашен терен против Слога Виница, а потоа два тешки натпревари против Беласица во Струмица и на домашен терен против Шкендија Арачиново.

Во претпоследното коло Брегалница ќе гостува во Кочани кај Осогово, а потоа игра против Победа на домашен терен во рамки на последното коло што ќе значи „сигурни“ три бода за „сините“ на Влатко Костов.

Охрид веќе в сабота ќе игра против Преспа каде трите бодови се „сигурни“, следува првиот меч од полуфиналето против Силекс, а потоа Охрид ќе игра со Тетекс во гости, а веднаш потоа и дербито против Скопје во Автокоманда.

Потоа пред „рибарите“ ќе биде реваншот од Купот со Силекс, па следува лесне меч против Големо Коњари дома. Потоа Охрид ќе гостува кај Детонит Плачковица во дерби меч, а сезоната „рибарите“ ја затвараат против Слога Виница со „сигурни“ три бода.

Тимот на Скопје ќе игра против Каменица Саса веќе оваа сабота, потоа „пиратите“ гостуваат во Ресен кај Преспа, па следува дербито со Охрид во Автокоманда.

На 9 мај екипата на Александар Таневски ќе гостува кај Тетекс, во претпоследното коло Скопје ќе игра против Големо Коњари каде ќе има „сигурни“ три бода и во последното коло дерби со Детонит Плачковица.

Тимот на Шкендија Арачиново в сабота ќе има „сигурен“ триумф против Победа, следува првиот меч од полуфиналето од Купот против тетовска Шкендија, а потоа мечевите со Кожуф во гости и дома против Вардар Неготино.

Екипата на Берат Имери ќе треба да го одигра реваншот од полуфиналето во Купот, а потоа ќе оди во Штип на дерби со Брегалница. Следува мечот со Новаци на домашен терен во рамки на претпоследното коло и во последното коло Шкендија Арачиново ќе гостува кај Каменица Саса.

Секој бод е повеќе од важен, еден „кикс“ може да значи еден, два, па и три чекори назад. Дали Брегалница ќе го сочува првото место и дали тие два бода предност кои сега ги има тимот од Штип ќе бидат доволни, останува да видиме. Три екипи во обид да ја симнат Брегалница од врвот, само првото место води директно кон Прва лига, вториот и третиот играат бараж, а еден тим во целост ќе извиси.

Александар Ванев, М-Нет