Каква е реалната слика и грижата од локалната власт за лицата со аутизам во Штип?

По три децении ветување дека нешто ќе се направи за децата со аутизам и нивните родители на виделина нема ништо. Денеска на одбележувањето на Светскиот ден на лицата со аутизам, уште еднаш се покажува суровата реалност, каде на овие лица значење им се дава само на овој ден. Зоран Мијалков вели грижата за овие лица бара посебно внимание, но и помош и поддршка од страна на локалните и државни власти.

„Ништо не се прави во суштина. Еве фала му на Господ има најави за центар за рана детекција за аутизмот, тоа е за поздравување, но ќе се детектираат децата со аутизам и што понатаму. За понатаму немаат идеи, ние како здружение и другите здруженија имаме идеи, се бориме за отворање на рехабилитациски центар, вистински центар, не како овие што моментално ги има и кажуваат дека се супер, а не се“ – вели Мијалков.

Поголем дел од моменталните центри кои ги има во Штип, но и во државата не се во состојба во која треба да бидат, а допонителен проблем е обученоста на кадарот кој треба да се грижи за овие деца.

Според проценките во Македонија има над 10 илјади деца и родители со аутизам. Според Мијалков статистиката на лица со аутизам е страшна, тие што денес немаат дете со аутизам, мопжеби утре ќе имаат внуци. Затоа ако денес се направи нешто за децата со аутизам нема да се мачат идните генерации.

„Моментално кога ми дојдат нови родители со ново, мало дете со аутизам најдобриот совет од мене е да си одат од Македонија“ – додава Мијалков.

Борбата на овие лица не е само еден ден, туку секојдневно со години наназад, со цел да се подобрат условите за живот и дејствување на овие лица во општеството и подигање на свеста кај граѓаните.

Лаура Стојанова М-Нет