
Со почетокот на масовната имунизација во салата Јордан Мијалков во Штип, вакциналниот пункт во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ е затворен. Со тоа сите граѓани кои се пријавени преку матичен лекар преку Мој термин треба да ја посетат салата и да примаат вакцина за ковид 19. Истото важи и за граѓаните од општините од Источниот и струмичкиот регион. Одовде се појавува и дополнителен проблем за болните неподвижни лица или инвалиди, како тие доколку сакаат да дојдат до вакциналниот пунк и да примаат вакцина. Какво решение се нуди одговор побаравме од директорката на здравствен дом „Панче Караѓозов“ Штип, Снежана Трајковска. Таа во писмено соопштение истакна дека медицинска екипа оди до домовите на ваквите лица за аплицирање на вакцината.
„ Медицинска екипа од Штип ги посетува домовите на стари и изнемоштени лица, оние кои навистина не можат да го посетат вакциналниот пункт, а кои се имаат пријавено за вакцнација и кои имаат закажан термин. Ова важи само за во Штип. Останатите општини од Истокот имаат подигнато вакцини за ваквите случаи на лица, и нивна медицинска екипа оди по домовите за аплицирање на вакцина против ковид 19.“ – истакна Трајковска.
Меѓутоа, од Општина Кочани на пример не потврдија дека одат по домовите на старите и изнемоштени или инвалидни лица. Директорот на кочанската болница, Александар Серафимов, во телефонски разговор истакана дека за сега тоа во Кочани не се практикува.
„Има лица кои не можат да дојдат и да се вакцинираат во вакциналниот пункт во Кочани. Наша екипа оди ги зема граѓаните од нивните домови и откако овде во болницата ќе примаат вакцина ги враќаме назад. Претходно имаше тренд на одење по домовите, но за вакцините кои беа задолжителни и тоа во некои планински села и кај лица кои навистина имаат потреба. За ковид вакциниацијата сеуште немаме одено по домовите, и не сум запознаен дека би требало да се практикува тоа. Но, доколку така ни наложат ние сме подготвени да ги посетиме домовите на болните и изнемоштени граѓани“ – истакна Серафимов.
Општина Делчево исто така досега нема одено по домовите за вакцинација на лицата со вакцини против ковид 19, но доколку има потреба подготвени се и тие. Утринава им пристигнале 150 кинески вакцини за Делчево и 50 за М.Каменица.
Од утре се очекува во повеќето општини во Источниот дел на државата, медицински екипи да одат и да ги посетуваат домовите на лица кои се неподвижни или инвалиди а сакаат и се имаат пријавено за вакцина против ковид 19.
Лаура Стојанова М-Нет