И новиот градоначалник на Општина Карбинци се откажа од привилегиите на општинска сметка

И новиот градоначалник на Општина Карбинци се откажа од привилегиите кои го следуваат по функција. Имено, претходно Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, информираше дека тој и директорите на јавните претпријатија целосно се откажуваат од службените возила. Сега, откако стапи на функција, новиот Градоначалник на Општина Карбинци, Виктор Паунов се откажаа од средствата за репрезентација и најави намалени трошоци за службени возила.

„Она што исто така сакам да го истакнам и што го најавив во нашата изборна кампања е дека ние како идни функционери на чело со мене, како Градоначалник, целосно се откажуваме од репрезентациите, коишто ги има Општината. Нема да користиме ниту еден денар општински пари за репрезентации. Исто така, ќе ги намалиме и трошоците во однос на службените возила т.е. ќе ги сведиме на минимум за потребите на општинската администрација“, истакна Паунов.

Новиот градоначалник напомена дека ниту тој, ниту општинската администрација ќе користат општински пари. И Паунов и Јорданов оваа одлука ја донесоа и соопштија пред јавноста уште на првиот ден од својот мандат.

Ребека Спасова МНет