Историја за Форца: Подигнат шампионскиот пехар, откако претходно го „сомеле“ Овче Поле!

Новиот шампион Форца го подигра шампионскиот пехар и ја испиша својата клупска историја, откако стана за првпат шампион во Првата футсал лига на Македонија. Форца вечерва го одигра последниот меч на домашен терен во рамки на претпоследното коло од Првата лига, откако во Спортската сала „Фаик Коница“ во Слупчане лесно го „збриша“ Овче Поле од Свети Николе и го испрати во Втората лига со резултат од 12:0.

Овче Поле немаше сили да парира на пресилниот тим на Форца составен од искусниот играчи и репрезентативци, па во Свети Николе од следната сезона одново ќе се гледа второлигашки футсал.

Таулант Исмаили и Иван Крстевски постигнаа по три гола, Зоран Левески и Драган Петровиќ по два гола, а по еден гол постигнаа Јасир Зекири и Берат Рамадани.

Овој натпревар можевте во живо да го следите на спортскиот канал М Нет Спорт.

Претпоследното 17. коло беше отворено вчера со победата на Клими од 0:4 на гостински терен против Железарец, а колото ќе се комплетира во понеделник. Во Крива Паланка се игра дерби меѓу Осогово и Карадаку, трите бодови за гостите се важни за да се избегне претпоследното место кое води во баражот за опстанок, Бутел ќе биде домаќин на фаворитот Шкупи, а пак Кеги Моби на домашен терен игра важен меч против Црна Река од Кавадарци во меч каде домашниот тим ги посакува трите бодови со цел да може да го избегне претпоследното место кое води во баражот за опстанок. За бегство од претпоследното место се борат Карадаку и Кеги Моби.

Александар Ванев, М-Нет