
Гледачите на телевизија М Нет ќе имаат ексклузивна можност преку директен пренос од Виница да уживаат во директната дерби пресметка за Втора лига меѓу екипите на Слога и Вардарски, во меч од 13. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток.
Ова ќе биде дуел на третопласираната Слога и првопласираниот Вардарски, бодовната разлика меѓу овие две екипи е 10 бода, со тоа што Слога има натпревар помалку во однос на Вардарски.
Слога нема право на грешка на оваа дерби, бидејќи се освен триумф за Слога ќе значи и дека ќе остане без шанси за првото место кое води во баражот за Втора лига. Лидерот Вардарски во Виница доаѓа по трите бодови, а во зависност од резултатот во Дојран каде се игра дербито меѓу Дојранско Езеро и Овче Поле, третолигашот од Богданци кој во сезона 1992/1993 настапуваше и во Првата лига, ќе може пополека и сигурно да го обезбедува баражот за Втора лига.
Главен судија на мечот ќе биде Сашко Ристов од Струмица, негови помошници ќе бидат Стојан Костадинов и Михаил Џорлев, исто така од Струмица.
Гледајте ја дерби-пресметката на Слога и Вардарски во Виница, преку директен пренос на М Нет телевизија, денес од 15 часот.
Александар Ванев, М-Нет