Историски клупски успех за Младост УГД, штипјанки на Ф4 на одбојкарскиот Куп на Македонија

Одбојкарскиот клуб Младост УГД од Штип испиша историја, откако одбојкарките обезбедија пласман на фајнл-форот во Купот на Македонија.

Во четвртфиналето штипските одбојкарки стигнаа до победа од 3-1 во сетови против ланскиот финалист Јанта Волеј КВ.

Во првиот сет Младост УГД беше подобар со 25:22, а веќе во вториот сет скопскиот тим израмни на 1-1 во сетови, а истиот го доби со 23:25. Третиот сет му припадна на Младост УГД откако со 25:23 за 2-1, а во четвртиот сет штипскиот тим беше подобар со 25:19 а конечни 3-1 во сетови.

Младост УГД игра во фантастична форма, откако во шампионатот му го зададе првиот удар на лидерот, сега во Купот елиминираше еден од фаворитите.

Штипскиот состав за првпат ќе игра на финалниот турнир од Купот заедно со бранителот на титулата, Наковски Волеј, кој со 3:0 (25:14, 25:17, 25:17) го совлада тимот на Струмица жени. Претходно и Вардар ЕМ со победа над Работнички Скопје испиша историски успех со пласманот на фајнл форот.

Останува уште едно место за пополнување на завршниот турнир, а битката за последниот билет ќе ја водат Газели Волеј и Пелистер Волеј, меч кој е закажан за 11 март.

Александар Ванев, М-Нет