
Истокот старее, младите заминуваат надвор од државата, а повозрасните оставени сами на себе бараат начин кој да се грижи за нив или како тоа да го прават сами. И во ваква ситуација Штип е оставен без дом за стари лица. Објектот започна да се гради, ама оставен е на пола на забот на времето, ниту се продолжува, ниту се користи. Граѓаните на терен согласни – старечки дом треба да има за повозрасните да не одат по други градови или во најлош момент да останат сами.
За проблемот стар со години во Штип е запознаен и првиот човек на општината, Иван Јорданов. Свесен е дека дом за стари лица е потребно да има, но вели дека во објектот кој е започнат да се гради има пречки и тие може да се остранат само со помош на централната власт.
„Досега често се зборува на оваа тема. Знаете дека во Штип има изграден објект кој не е довршен и кој не е ставен во функција, закочен е проектот заради немањето соодветни дозволи за градба. Единствено решавање на проблемот може да има доколку овде се вклучи централната власт со донесување на еден Закон за легализација на овој објект и би бил во функција на сите повозрасни лица, пензионери, со огглед на тоа дека има голем сместувачки капациетет. Се надевам дека до решавање на овој проблем ќе дојде со помош на централната власт“ – кажа Јорданов.
Во моментот единствен дом за стари лица има во општина Берово со вкупен капациет од 38 легла и почеток на изградбата на ламела 4 за уште дополнителни 25 легла.
Лаура Стојанова М-Нет