
Чадот од градската депонија во Кочани на мирен протест ги собра жителите од кочанско Бели. Веќе подолг временски период се соочуваат со овој проблем, велат секој втор ден гори, а чадот ги гуши. Бараат од надлежните институции, вклучувајќи го и ЈП „Водовод“ – Кочани, да преземат соодветни мерки и да се реши проблемот со депонијата.
„Бараме да се преземат подобри мерки за третирање за чадот да не доаѓа во населеното место. Овој проблем е веќе повеќегодишен, сите ветуваат дека ќе се реши, ама никој не презема мерки. Еден период беше добро третирана и не чадеше, а сега која е причината нека си откријат сами и нека си најдат решение“, вели Димче Цебов, претседател на МЗ Бели.
Кафе на тераса во село Бели е само замисла, половина од учениците во подрачното училиште не одатвна настава, повозрасните жители постојано се во болница. Причина за сѐ е горењето на депонијата и чадот кој ги гуши.

„Тоа е страшна работа. Ете, вчера, наставничките ги пуштија децата да одат дома за да се смири чадот. Децата се во болница, а за старите да не зборуваме. Му велам на градоначалникот да одиме кај мене на тераса и да пиеме едно кафе, ако може да издржи, нема проблем. Сега имам лозје тука, не можам да го кројам, тоа мириса многу“, вели Здравко Данилов.
Денеска на лице место на депонијата излегоа градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, и директорот на КЈП „Водовод“, Антонио Паунов. Пристигна и тешка механизација со која треба да се стопира горењето на депонијата. Паунов вели дека се очекува помош од централната власт за долгорочно да се реши овој проблем кој се провлекува со години.
„Суштината на пожарот е внатрешна, не може да се дојде до брзи резултати. Поради тоа, во соработка со Локалната самоуправа и градоначалникот побаравме и тешка механизација со која ќе ни биде олеснето самото изгаснување на пожарот. Како одговорно јавно претпријатие вршиме постојано третирање на депонијата со алги, но истите не се секогаш ефикасни во случај на намерно запалување од човечки фактор. Апелирам до централната власт што поскоро да го актуелизираат завршувањето на проектот за регионалната депонија“, вели Паунов.

Жителите од кочанско Бели потенцираа дека ако не се стави крај на проблемот со депонијата, во среда излегуваат на помасовен протест кој ќе трае 24 часа. Директорот на „Водовод“ апелираше до останатите надлежни институции да преземат мерки, а до граѓаните да бидат посовесни и да не ја палат намерно депонијата.
Лаура Стојанова М-Нет