Интонирање на химната, истакнато знаме – штипските училишта го применуваат Правилникот

Државното знаме беше видно истакнато на влезот од училиштето, а учениците денот го започнаа со интонирање на државната химна. Вака започна новата работна седмица во ООУ „Димитар Влахов“, но и во сите останати основни и средни училишта на територија на општина Штип. Учениците, наставниците и стручниот персонал утрово, пред почетокот на првиот час, почнаа да го применуваат Правилникот за општи норми и етичко однесување. Директорката на „Димитар Влахов“, Невенка Величкова, вели дека на овој начин кај децата ќе се развие чувството на припадност и ќе се негува чувството на националност.

„Со донесување на Правилникот за општи норми и кодексот на однесување на ученици, на родителите, на наставниците, како и на стручните соработници се обидуваме ние како училиште и како Општина да ги мотивираме учениците да го почитуваат воспитно-образовниот процес. Се надеваме дека ова денес што се случи – интонирањето на химната на Република Македонија и поставување на државното знаме на Републиката, ќе премине во традиција и дека секој понеделник ќе ги слушаме звуците на нашата химна. Со тоа се надеваме дека ќе формираме едно чувство на припадност и развивање на чувството на националност, односно будење на чувството на националност како дел од воспитно-образовниот процес на учениците“, вели директорката Величкова.

Правилникот кој го усвоија сите Училишни одбори и Општината, а кој денеска почнува да се применува предвидува практикување на некои веќевоспоставени правила, како и неколку нови. Освен на учениците, се однесува и на наставниците, стручниот персонал, како и сите останати вработени во училиштата, како и на родителите.

„Овој Правилник има за цел да ги поттикне учениците во образовниот процес, самите наставници да ги мотивираат учениците кон љубопитност при истражување и изучување на нивните предмети, а на родителите со Правилникот би сакале да им помогнеме да се равива креативноста и потенцијалот кај нивните деца“, истакна Вишна Шорова-Ангелова, секретар на Општина Штип.

Новиот правилник го забранува користењето мобилни телефони за време на часовите, го регулира начинот на облекување на сите вклучени во образовниот процес, како и начинот на меѓусебно однесување, го забранува булнигот, пушењето, внесувањето и консумирањето на алкохол и слично.

Ребека Спасова М-Нет