
Од вчера инспектори од Државниот пазарен инспекторат се на терен и вршат контрола по маркетите со цел да се установи дали се почитуваат мерките на Влада. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска истакна дека контролите продолжуваат и во наредните денови, а ги повика граѓаните доколку забележат непочитување на мерките и високи цени на производите тоа да го пријават во инспекторатот.
„Денеска, сабајле имавме координација со Државниот пазарен инспекторат, тие вчера вршеле контрола, а контроли има и сега. Граѓаните ако приметат неправилности да пријават. “ – вели Бектеши.
Во однос на донесените мерки, Бектеши посочи дека е задволен од она што може да се види на терен вчера и денеска. Потврди дека од наредната недела за 10% ќе поевтинат и дел од пијалоците.
„Во однос на мерките јас сум повеќе од задоволен одтоашто вчера се случуваше од сите ланци на маркети. Сакам да ја известам целата јавност дека од наредната недела поевтини ќе бидат и пијалоците, а тоа го најавија самите маркети“ – додаде Бектеши.
Инаку од вчера стапија на сила мерките на Влада со кои 25 категории производи меѓу кои и белиот ориз, лебот, месото, овошјето и зеленчукот ќе се продават по цени не повисоки од оние кои беа на 1 август годинава. Ваквите одлуки ќе важат до крајот на месец ноември.
Лаура Стојанова М-Нет