Има услови за целодневен престој за ученциите во ООУ „Ванчо Прке“, се чека одобрение од МОН

Основното училиште „Ванчо Прке“ во Штип повторно обезбеди услови за т.н. целодневна паралелка. Откако родители повеќе од една година реагираат дека продолжениот престој треба да се врати како услуга која ја овозможува училиштето, а сега потпишаа и петиција за ова, раководството, конечно, одговори на нивните барања. Обезбедени се простории, опрема и наставен кадар, односно училиштето е подготвено да ги згрижи децата од прво до трето одделение и по наставата т.е. додека нивните родители ги извршуваат своите работни обврски.

„Се работи за петиција од страна на родители, потпишани се вкупно 67 родители на првачиња кои веќе се запишани во ООУ „Ванчо Прќе“ – Штип. Барањето за организирање настава со продолжен престој го имавме и минатата годинам, но немавме доволно просторни услови. Се погриживме оваа година да обезбедиме просторни услови, наставен кадар, кој истото тоа ќе го спроведе“, вели директорот Радев.

Раководството побара позитивно мислење од општинскиот Совет, но одобрението се чека од Министерство за образование и наука. Кога истото би се добило, училиштето е подготвено да ја организира оваа паралелка уште на почетокот на учебната година, односно во септември. Директорот вели дека не бараат дополнителни финансии, туку сѐ што е потребно можат сами да го обезбедат.

„Согласно со член 40 од Законот за основно образование, став 4, одговорот го дава Министерството за образование. Ние на 27.7. се обративме до Општината и тие уредно побараа одговор од Министерството, кој сѐ уште не сме го добиле. Од Општина Штип бараме само позитивно мислење во однос на формирање на паралелка или паралелки со продолжен престој. Се надевам дека што побргу ќе го добиеме одговорот за да можеме до почетокот на учебната година и да ја организираме наставата“, додава Радев.

Инаку, ООУ „Ванчо Прке“ веќе извесно време не организираше продолжен престој за ученици. Претходно имаше договор со детската градинка „Вера Циривири – Трена“, чија важност истече, но потоа и самата градинка немаше можност да одвои кадар за оваа намена. На барањата на родителите од минатата година, за директорот во тој момент целодневен престој беше скапа и тешко изводлива инвестиција.

Ребека Спасова М-Нет