Изложбата „И јас сум тука“ со приказни на лицата со попречености вечерва во Штип

Изложбата на фотопортрети, насловена „И јас сум тука“, во 19 часот ќе биде отворена во Ликовната галерија при НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип. Изложбата е кохезија на приказни на лицата со посебни потреби и вклучува дваесет лица од повеќе градови од државата со чија активност е креиран резултатот кој вечерва ќе може да се види во Штип. Освен изложбата, промовирана ќе биде и книгата која го носи истиот наслов, а која, всушност, ги содржи приказните на учесниците.

„Денеска, со почеток од 19 часот, е отворена изложбата на Сребра Ѓорѓијевска и Тоше Огњанов, која е насловена „И јас сум тука“. Оваа изложба е создадена од дечиња со посебности. Покрај тоа ќе имаме и промоција на книга, којашто ги опишува процесите на децата со посебности, тоа дека децата не се раѓаат со предрасуди, што е многу важно и овој проект сакаме да го промовираме како еден вид инклузија на овие деца во нашето општество“, истакна Горан Трајков, директор на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип.

Во текот на утрешниот ден, пак, со почеток од 19 часот, заинтересираните ќе може да присуствуваат на Фолклорниот фестивал „Фатени за раце го менуваме светот“, од кој дел ќе бидат неколку културно-уметнички друштва и училишта со паралелки за лица со попречености.

„Во наредниот ден го имаме Фестивалот „Фатени за раце го менуваме светот“. Ова е еден проект во којшто се вклучени повеќе училишта, коишто вклучуваат деца со посебности, и културно-уметнички друштва“, додава Трајков.

Според директорот на НУЦК „Ацо Шопов“, институцијата е секогаш достапна и отворена за лицата со попречености, коишто се поканети на секој настан.

„Ние гледаме секогаш кога имаме настани, да ги известуваме овие центри и училиштата коишто имаат паралелки со цел да ги посетуваат настаните. Ги отвораме вратите, впрочем, оставивме и место за лицата со инвалидност, како и за сите останати дечиња да бидат присутни на секој настан којшто се одржува“, заклучува Трајков.

Изложбата „И јас сум тука“ беше првпат претставена во ноември минатата година, а оттогаш има посетено седум града. Целта на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди” е да се смени стереотипното однесување кон луѓето со попреченост, да се намалат стигмите и да се крене свесноста за интелектуалната попреченост.

Ребека Спасова М-Нет