Излетничките места и парковите во Кочани затворени за посетителите

Кризниот штаб во Кочани ја одржа петтата седница на која беше разгледана актуелната состојба и неопходните активности за претстојниот продолжен викенд, кој е воедно и период на мерки за ограничено движење.

На подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје, досега се евидентирани 26 заболени од КОВИД-19, 72 лица се во самоизолација, четири лица се излечени и едно починато. Директорот на Центарот за јавно здравје, Гоце Серафимов истакна дека будно се следи ситуацијата и со здравствените работници, а установите се подготвени да одговорат со неопходниот кадар.

За претстојниот викенд затворени за посетители се излетничките места на браната Гратче, Бавчалук, Гоцева Шума, како и на Пониква. Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев потсети дека е недозволиво групирањето и собирањето на излетничките и на рекреативните места.

За да не се повтори состојбата од претходниот викенд, кога беше регистрирано енормно користење на водата од Градскиот водовод, упатен е апел за рационално трошење на водата, која пред сѐ е наменета за пиење и за одржување на личната хигиена.

Од Општата болница со проширена дејност во Кочани апелираа до пациентите да не ги злоупотребувааат здравствените упати за излегување од дома во време на забраната за движење, како и да ги почитуваат протоколите за телефонски контакт со матичните лекари.

– „Во претстојниот 85-часовен период на изолација, најважно е максимално одговорно секој од нас да ги почитува мерките и препораките за заштита од коронавирусот, секој од нас да даде придонес за зачувување на личното, а со тоа и на јавното здравје“ -апелираше по седницата градоначалникот Илијев.