Изградба на Градскиот пазар, кино салата, улици и патишта – што ќе се работи во Виница годинава?

Изградбата на Градскиот пазар во Виница е приоритет меѓу проектите од Буџетот за 2024 година. Вкупниот буџет е над 363 милиони денари, од кои околу една третина се приходи во основниот буџет, а главнината се однесува на дотации, како и околу 4% самофинансирачки активности и донации. Во структурата на вкупните расходи, тековните трошоци учествуваат со над 91%, а останатите средства се планирани за капитални расходи.

„За Буџетот на Општина Виница за 2024 година, од основниот буџет имаме планирано околу 107 милиони денари, а планираме реализација на доста проекти во текот на годината. Очекувам овие денови да биде распишан тендерот за изградба на Градскиот пазар, исто така Советот донесе тригодишна развојна програма во вредност од околу 40 милиони денари, со што планираме овие денови да биде распишана јавна набавка за изградба, реконструкција и рехабилитација на улици во градот Виница и населените места“, вели Миле Петков, градоначалник на Општина Виница.

Петков вели дека ќе продолжат и со реализација на активностите кои веќе се започнати, како кино салата во Виница и поставување термоизолациона фасада на зградата на Општината. Буџетските средства се на слично ниво како и минатата година, а градоначалникот Петков вели дека реализацијата во 2023 година е речиси стопроцентна, со што посочува дека годината е една од најуспешните.

„Можам да ви кажам дека 2023 е една од најуспешните години во поглед на реализација на Буџетот. Сега, во текот на јануари, ќе имаме квартален извештај во којшто ќе се види дека реализацијата и во делот на приходите и во делот на расходите е близу 100%“, додава Петков.

Вкупните расходи во Буџетот за 2024 година се утврдени се во износ од близу 358 милиони денари и уште околу 5,2 милиони за отплата на главнина на кредити за две возила за отпад и за изградба на улица и атмосферска канализација. Вака проектираниот буџет искажува суфицит во општиот дел во износ од над еден милион денари.

Лаура Стојанова М-Нет