
Надзорот констатираше недостатоци, допис до изведувачот има, но на игралиштето во населба Балканска сѐ уште нема корекција. Општина Штип ќе започне и судска постапка доколку и понатаму изведувачот не одговори на дописот, па Општината нема контрола врз тоа кога населбата ќе добие ново спортско и рекреативно игралиште.
„Веќе изведувачот има писмен допис. Нормално, доколку не постапи според дописот, ќе има судска постапка и истиот ќе има обврска да го обештети износот којшто Општина Штип го има исплатено кон него, доколку не го коригира и не го направи одново. Станува збор за работа којашто во целост не зависи од нас. Во зависност од тоа како ќе постапи изведувачот којшто неквалитетно го има изградено тоа игралиште, така ќе постапиме во следните чекори“, истакна Јорданов.
Но игралиштето во населба Балканска не е единствен проект подложен на неквалитетна изградба. Општина Штип има доставено уште неколку други налози за корекција на штета на изведувачите. Според Јорданов, по констатацијата на надзорот, да се наложи направеното да се поправи е единствениот механизам на Општината.
„Морам да бидам искрен, на многу проекти, на многу делови каде што се извдуваат одредени активности има пропусти коишто се на штета на економските оператори и на фирмите коишто работат, затоа што тие имаат доставено банкарска гаранција и гарантираат за квалитетот на изградба и доколку не соодвествува според она за што Општината распишала тендер, истото ќе го отстранат и ќе го коригираат. Веќе доставивме неколку такви налози. Тоа единствениот начин како може рационално да ги трошиме парите на граѓаните, затоа што надзорот е единствениот механизам“, додаде Јорданов.
Недостатоците на игралиштето беа констатирани пред точно еден месец и оттогаш нема повратна реакција од изведувачот. Ваквиот проблем не е нов во Штип, претходно поради неправилности во реконструкцијата, на штета на изведувачот беше коригирана и ул. „Кеј Маршал Тито“. Како што заклучи Јорданов, не смее да се дозволи одредени проекти за кратко време да бидат подложни на оштетувања поради неквалитетна изградба.
Ребека Спасова М-Нет