Ивана Ангеличкова е нов в.д. директор на детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Штип

Ивана Ангеличкова е новата директорка на детската градинка „Вера Циривири – Трена“ во Штип. Наместо досегашната директорка Софка Атанасова, сега Ангеличкова ќе раководи со оваа институција.

Ангеличкова на функцијата е назначена на 1 јуни годинава, а доаѓа од правничкото место во институцијата, односно е дипломиран правник. Атанасова, пак, која е дипломиран професор по предучилишно воспитание, функцијата директор ја вршеше од 1 јуни 2018 година.

Според информации од Општина Штип, промената на директорското место е поради истекот на мандатот кој траеше четири години. Ангеличкова, пак, е назначена со функција вршител на должноста директор, титула каква што добија сите нови директори назначени од новата власт.

Ова е прва промена во градинките, а претходно беа променети директорите на сите средни училишта и неколку основни. Директори поставени од претходната власт сѐ уште ги раководат основните училишта „Ванчо Прќе“ и „Гоце Делчев“ и детската градинка „Астибо“, каде директорката Билјана Трајчевска има четиригодишен мандат кој трае до 23 јули годинава.

Ребека Спасова М-Нет