Вечерва – концерт на Народниот оркестар при ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип

Народниот оркестар при ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ од Штип вечерва со концерт во Домот на култура во Штип. Народни песни и ора ќе бидат дел од програмата изведена во Галерија ’22 при НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип. Дел од истата ќе бидат учениците од прва до четврта година во средното училиште во класата на проф. Илија Ќосевски и дел од учениците од основното училиште.

„Ќе се изведат традиционални македонски народни песни и ора од повеќе краишта низ Македонија, што е со цел да ги оживееме и повеќе да се изучуваат тие песни и ора кои ги учат нашите ученици. Сакаме да ги пренесеме на публиката и да не се заборават, сепак тоа е нашиот фолклор и нашата традиција“, истакна проф. Илија Ќосевски.

Во изминатиов период Народниот оркестар учествуваше на неколку натпревари, каде постигнаа успешен резултат, а имаа и неколку концерти во градови во и вон земјава. Ќосевски ги покани штипјани да бидат дел и од концертот во Штип.

„По успешните концерти во Кратово, Пехчево, Радовиш, Виница, Будва, по освоената прва награда во Штип на Меѓународниот фестивал „Сергеј Михајлов“ и освоена специјална награда на „Арт ин“ во Кавадарци, нашите ученици коишто изучуваат традиционални македонски народни инструменти ќе одржат концерт во Галерија ’22. Ги повикуваме нашите сограѓани да дојдат и да уживаат во народната музика“, порача Ќосевски.

Учениците во класата на проф. Илија Ќосевски одржуваат концерти секоја година традиционално со завршувањето на учебната година. Ова е 11. концерт по ред, а за истиот влезот е бесплатен.

Ребека Спасова М-Нет